• петок, 20 февруари 2026

Промоција на книгата  „Отпечатени впечатоци“ и кратки филмови на уметникот Васил Тасевски

Промоција на книгата  „Отпечатени впечатоци“ и кратки филмови на уметникот Васил Тасевски

Скопје, 10 февруари 2026 (МИА) - Во „Трн“ во Дебар Маало вечер од 20 часот ќе биде промовирана книгата  „Отпечатени впечатоци“ од уметникот Васил Тасевски. Книгата содржи серија фотографии печатени во сито печат, преку кои авторот пренесува впечатоци од патувања што со текот на времето се развиваат во визуелни и лични приказни.

-Книгата е создадена за време на кратка, но интензивна резиденција во студиото на „Партизанска штампа“. Покрај промоцијата, ќе биде прикажана селекција од неколку кратки филмови на авторот, реализирани за време на резиденцијални престои на авторот во Франција. Вечерта ќе биде збогатена со внимателно курирана музичка селекција од диџеј Владимир Муратовски-Диво, колаж-работилница на „Скопје колаж колектив“, како и специјално музичко изненадување – музички настап на Дарко Тасевски,  соопшти печатницата „Партизанска штампа“.

Васил Тасевски (1984, Скопје) е визуелен и перформативен уметник едуциран во Франција во областа на циркуските уметности и современата уметност.

-Тасевски ја третира фотографијата како жив, временски условен и чувствителен медиум. Неговата работа опфаќа инсталации, перформанси и просторни уреди и е претставена во бројни проекти и изложби во Франција и Македонија, меѓу кои „Осетливи ткива“ (Музеј на Македонија, 2023) и „Осетливи површини“ (Лориент, 2025), се наведува во соопштението.

Настанот е дел од новата програма на „Партизанска штампа“ со која се најавува серија резиденцијални престои на уметници блиски до печатницата. Идејата е нивното творештво да се претставува надвор од галериски простори, во неформален и отворен контекст. хс/ев/

Фото: „Партизанска штампа“ 

 

Остани поврзан